МЗТ Скопје запиша победа на првата четвртфинална пресметка во плеј-офот против Широки. Актуелниот македонски првак на реваншот ќе патува со позитива од 16 поени (85-69). „Сино-белите“ одиграа одлично во второто полувреме, во кое ја поправија одбраната, а нападот само по себе многу подобро течеше.
Војдан Стојановски со 21 поен беше прв стрелец, зад него беше Делалиќ со 17 поени.
Македонскиот тим во првата четвртина играше променливо. По 8-5 влезе во криза која противникот ја искористи да поведе со 8-13 во петтата минута. Дамјан, Баковиќ и Делалиќ го вратија водството на 15-13, по првата четвртина беше 18-17.
Широки по само пет минути игра успеа да направи серија од 15-4 и да поведе со двоцифрени 22-32. Одбраната на МЗТ Скопје беше очајна, нападот ништо поразличен. Конечно нешто добро после таа 15 минута. 6-0 серија, грешки на противникот за 28-32. Со оваа негатива нашиот тим замина на полувремето (37-41).
Со седум поени на Војдан и два на Баковиќ, МЗТ Скопје тргна кон вистинската патека. Направи серија од 17-4 и во 27 минута поведе со 54-45. Откако пропушти неколку шанси за двоцифрена разлика, гостите намалија на 58-54 пред стартот на последната четвртина.
Секако, ова не беше сигурна позитива, Широки пристискаше, искористи две недозволиви промашувања дојде на 61-60. Македонскиот првак заигра според посакуваните ноти на секој фан што дојде во сала. Баковиќ со две тројки, Војдан со два поени и Делалиќ со еден зголемија на 70-61 на три и пол минути до крајот. Делалиќ беше во ритам, со неговите поени МЗТ Скопје за првпат поведе со двоцифрена разлика (74-63). Војдан Стојановски погоди важна тројка, а потоа изнуди и фаул, и погоди две слободни фрлања за 79-65 на 1:41 до крајот. Ова значеше сигурна победа, но се чекаше конечниот резултат, кој е важен за реваншот. А таму МЗТ Скопје оди со плус 16, најголемата позитива на мечот.
Реваншот се игра за седум дена на теренот на Широки.