Македонските тенисерки по триумфот во првото коло над Естонија со 2:1 и поразот во денешниот меч со Хрватска од 0:3 ги продолжуваат мечевите во рамките на Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот што се игра во Вилнус, Литванија. Македонија како второпласирана во групата ќе разигрува со второпласираните селекции од другите две групи, а тоа се Грузија и Израел.
Македонските тенисерки утре (четврток) ќе имаат слободен ден, бидејќи во првиот меч од групата за пласман од 4. до 6. место ќе играат Грузија и Израел. Ваквиот распоред значи дека Македонија ќе игра мечеви во петок и во сабота со овие две селекции, но по кој распоред ќе биде познато по завршувањето на утрешниот дуел Грузија – Израел.
Во борба за пласман во Првата зона ќе играат првопласираните репрезентации од групите: Хрватска, Литванија и Египет. Двете првопласирани ќе обезбедат „промоција“ во Првата Евро-африканска зона.