Тренерот на Барселона Чави Хернандез ја пофали победата на неговата екипа над ПСЖ на „Паркот на принцовите“. Каталонците победија со 3:2 во првото четвртфинале во Лигата на шампионите и се поблиску до полуфиналето на турнирот.
„Секако дека победата е многу важна. Да се победи на гостински терен во оваа фаза во Лигата на шампионите е сериозно достигнување. Игравме добро, особено во дефанзива. Ги следевме тактичките упатства, а голем придонес за успехот имаа и крилата. Горд сум на овој тим“, изјави Чави на прес-конференцијата по натпреварот.
Иако каталонскиот гигант излезе како победник, сепак за Чави, ПСЖ и натаму е фаворит.
„Добро притискавме и цело време си помагавме. Не им дадовме слободни места на домаќините и нашата одбрана беше одлично организирана. И покрај се, ПСЖ останува фаворит. Ќе ни биде исклучително тешко во реваншот. Покажавме дека сме живи. Барса долго страдаше во Лигата на шампионите, се надевам дека овие кошмари се веќе минато“, додаде тренерот на Барса.
Барселона е непоразена на 12 натпревари откако Чави објави дека ќе се повлече на крајот од сезоната. Тимот последен пат загуби со 3:5 од Виљареал на 27 јануари.