Поранешниот репрезентативец на Барселона и Бразил, Дани Алвеш ќе остане на слобода откако судот во Барселона денеска ја одби жалбата на обвинителството. Тој беше осуден на 4 и пол години затвор за силување, но беше ослободен пред неполн месец откако плати гаранција од милион евра. Пет дена му требаа да ги собере парите за ослободување.
Бразилецот помина повеќе од една година во притвор откако беше обвинет од млада жена за силување ноќта меѓу 30 и 31 декември 2022 година.
На Дани Алвеш му се одземени двата шпански пасоши и му е забрането да ја напушта земјата. Исто така, му е забрането да се приближува на повеќе од еден километар од домот и работното место на жртвата или да бара контакт со неа. Поранешниот фудбалер мора да се појавува секој петок на суд во Барселона.
За време на судењето, 40-годишниот Бразилец остана на верзијата дека сексуалниот чин со жената бил консензуален, но неговата одбрана била отежната поради честото менување на сведочењето.