Аталанта на „Енфилд“ го декласираше Ливерпул со 3:0 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лига Европа. Двоен стрелец кај гостите беше Џанлука Скамака, додека третиот гол го постигна хрватскиот репрезентативец Марио Пашалиќ во 83. минута. Менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп ја даде изјавата откако неговиот тим го претрпе првиот пораз на домашен терен по 14 месеци.
“Ова беше навистина лош натпревар. О, Боже…”, започна Клоп, кој по девет години на клупата ќе го напушти Ливерпул на крајот на сезоната.
“Добро влеговме во мечот, но не продолживме така. И пред да постигнат гол, ги загубивме линиите на играта. Бевме насекаде, но и никаде. Нашиот среден ред беше развлечен. Не го препознав веднаш, навистина беше чудно“, додаде Клоп.
Клоп направи многу промени во составот, па така, на пример, во вториот дел влегоа Салах, Робертсон и Шобошлаи.
„Целосно го разбирам вашето прашање. Ако загубиме натпревар, секогаш се зборува за промени. Сепак, повторно би направил се исто, а причината е што сакаме да бидеме добри во остатокот од сезоната. Затоа мора да направиме промени. Јас сум одговорен за овој резултат, го знам тоа. Но, не би ја менувал одлуката за стартната постава“, објасни Клоп.
Во 2019 година, Ливерпул поништи идентична негатива против Барселона и влезе во финалето на Лигата на шампионите. На прашањето дали неговиот тим може да го стори истото на 18 април во Бергамо против Аталанта, тој рече: „Можеме ли да свртиме 0-3? Немам идеја“.