Полскиот фрлач на диск, Пјотр Малаховски неколку пати го испиша своето име во историјата на споменатиот спорт, а меѓу другото освои медали од ОИ во Пекинг 2008 и Рио 2016 година.
На двете игри за „влакно“ му избега златниот медал. Во Рио 33-годишниот Малаховски отиде како актуелен европски и светски шампион, а штета што не успеа да биде и олимписки шампион.
Малаховски откри дека сега го продава сребрениот медал од ОИ во Рио и парите ќе ги донира за лекувањето на тригодишното дете Олек Симакси кој се бори со редок вид на рак (Ретинобластом). Детенцето треба да се лекува во Њујорк, а фамилијата организирале страница за донации (требало да се соберат 126.000 долари), а Малаховски одлучил да го продаде медалот и да помогне.
„Апелирам до сите. Ајде заедно да се бориме за нешто што е најдрагоцено – здравјето на ова фантастично детенце. Сите сте повикани на аукција“, напишал спортистот.
Полските милијардери Доминик и Себастијан Кулчик го купиле медалот и на тој начин е собрана преостанатата сума на пари, потребна за интервенцијата во САД.