Најдобриот грчки тенисер Стефанос Циципас по третпат во кариерата го освои трофејот на АТП Мастерсот во Монте Карло. Во финалниот натпревар тој го победи Норвежанецот Каспер Руд со 6-1, 6-4.
На Гркот му беа потребни 97 минути за да победи, а со тоа тој стана петтиот тенисер во историјата кој освоил три или повеќе титули на овој престижен турнир, прв од трите европски Мастерси на земјена подлога. Во Монте Карло трипати триумфираа и тениските легенди Бјорн Борг, Томас Мустер и Илие Настасе, а далеку пред сите е Рафаел Надал со 11 победнички трофеи.
Иако во оваа сезона имаше скромен учинок (11-6) и само едно полуфинале до настапот во Монте Карло, Циципас повторно блесна во Кнежевството и за првпат од Торонто 2018 година успеа да победи тројца тенисери од Топ 10 на еден турнир, овој пат Германецот Александар Зверев (АТП – 5.) во осминафиналето, Италијанецот Јаник Синер (АТП – 2.) во полуфиналето и Каспер Руд во финалето.