Денеска пред нас од 15 часот е чиста скопска фудбалска класика, тоа е дуелот Работнички – Вардар. Тоа е Соседското дерби бр.76, броено од сезоната 1998/99 кога за првпат си ги одмерија силите во самостојна Македонија во ПМФЛ.
Ова денешно дерби нема да биде ни налик на претходните, еве и зошто.
Вардар по цели три години како прволигаш се враќа на Арената “Тодор Проески“ или по скопски Градски, ова ќе биде дуел меѓу две екипи кои се борат жестоко за опстанок, замислете, ова ќе биде дерби на кое ќе има и доста публика, барем така се најавува.
Скопјани знаат што значи ова дерби, и знаат дека ако сакаш да бидеш фраер тогаш треба да дојдеш да ги гледаш Работнички и Вардар.
Нема дилеми дека има и тоа како што да се види.
Како специјален гостин ќе биде тука и легендарниот Сол Кембел, кој веќе два дена е во Скопје.
А еве ги размислувањата на играчите.
Егзон Белица, дефанзивецот на Работнички истакнува:
„Знаеме дека против Вардар ќе биде тежок натпревар, секој бод и секој бод е екстремно важен. Веруваме во својот квалитет и се надевам дека ќе ги освоиме трите бода. Се надевам дека публиката ќе ужива во добар фудбал а ние ќе се радуваме на победата“ заврши Белица.
Дејан Ѓуриќ, стоперот на Вардар инаку некогашен член на Работники, пред денешниот меч истакнува:
“ Нашите навивачи “Комити“ се нашиот 12-ти играч. Им се заблагодарувам на се она што го прават за нас, за клубот. Се надевам дека пред полни трибини со победа ќе им се одолжиме. Инаку секогаш е убаво да се игра на Градски, па тоа е домот на Вардар“.
Кога сме кај традицијата, на изминатите 75 средби Работнички славел на 24 меча, 18 пати било нерешено, а Вардар победил на 33 средби како и на последните две, и тоа со по 1:0.
Инаку кога сме кај севкупната историја меѓу овие два клуба и нивните мечеви кои почнале да ги играат меѓусебе уште во раните 50-ти години од минатиот век, ова треба да биде нивни 96-ти дуел. Тука се сметаат и оние во Првата и Втората лига во екс-СФРЈ, Купот на поранешната земја и други. Работнички има 33 победи, 24 пати било без победник а Вардар победил на 38 средби.
Да, ова е таа стара скопска класика, соседско дерби на кое вреди да дојдеш и да го гледаш денеска од 15 часот, на кое главен судија ќе биде Александар Ставрев.
Затоа биди фраер и дојди на Градски да ги гледаш Работнички и Вардар.