Во среда на 17 април со почеток од 15 часот се закажани реванш натпреварите од полуфиналето во Купот на Македонија. Во Ѓорче играат Македонија ЃП – Воска, на првиот меч славеа охриѓани со 2:0, додека во Кавадарци се спрема историја. Тиквеш го дочекува Шкупи, на Чаир беше 0:0.
Велиме историја зошто сите во таборот на Тиквеш, кој има фантастична сезона во ПМФЛ, сакаат финале, за првпат во историјата на клубот.
Мечот со Шкупи за Тиквеш ќе биде меч на деценијата.
Додека стратегот Ѓорѓи Мојсов со играчите ја спремаат тактиката, раководството на клубот веќе ги прави последните подготовки. Јасно е дека тоа ќе биде спектакл, цело Кавадарци сака да дојде на стадион и да го бодри својот Тиквеш.
Инаку денеска се пуштени во продажба билетите за овој меч и тие чинат по 100 денари. Се очекува најмалку 5.000-6.000 гледачи, значи трибините на Градскиот стадион ќе бидат преполни.
Се бара од сите компании тој ден да се работи до 14 часот со цел вработените да можат да го проследат мечот.
Нема дилеми, во среда во Кавадарци ќе “ВРИЕ“, Тиквеш сака да испише историја.