ПСЖ и Борусија (Д) се првите полуфиналисти во Лигата на шампионите оваа сезона. Парижани ја совладаа Барселона на гости со 4:1 и вратија за поразот на „Паркот на Принцовите“ (2:3), додека Борусија (Д) го „среди“ Атлетико победувајќи дома со 4:2 и анулирајќи ја негативата од 1:2 од првиот меч во Мадрид.
За Барселона мечот тргна одлично. Со голот на Рафиња во 12. минута успеаја да поведат и да најават нова доминација на патот кон полуфиналето. Но, она штосе чини беше пресвртница денеска во Каталонија беше моментот од 29. минута, кога Роналд Араухо стартуваше од зад грб врз Баркола, а главниот судија Иштван Ковач од Романија му покажа црвен картон.
До полувреме ПСЖ со голот на Дембеле израмни на 1:1, а во вториот дел ја искористи играчката предност, па со головите на Витиња и на Мбапе од пенал стигна и до предност од 1:3 која беше клучна за патот на Французите кон полуфиналето. Во завршните моменти од регуларниот дел на мечот, Мбапе погоди и вторпат, овој пат за конечни 1:4.
Вистинско лудило беше во Дортмунд. „Милионерите“ со два брзи гола на Бранд и Матсен во првото полуреме направија предност од 2:0 и го анулираа водството 91:2) кое Атлетико го имаше од првиот меч. Сепак, на стартот на вториот дел со автоголот на Хумелс и еден погодок на резервистот Анхел Кореа, Атлетико успеа да се врати во мечот за 2:2.
Иако се чинеше дека на гостите од тој момент ќе им биде многу полесно, така не мислеа домашните играчи. Повторно продолжија со својот офанзивен стил на игра и повторно во само три минути погодија двапати. Со голт на Никлас Филкруг во 71. минута дојдоа до 3:2, а во 74. минута Сабитцер погоди за 4:2.
До крајот Борусија можеше да постигне уште некој гол, но и овој резултат беше доволен за полуфинале против ПСЖ.