Попладнево од 15 часот се играат двата реванш меча од 1/2 финалето во Купот на Македонија, тоа се средбите Тиквеш – Шкупи и Македонија ЃП – Воска.
Во Кавадарци веќе неколку дена, па и недели, топ-тема е овој меч кој се чека со години, со децении. Имено по тие 0:0 на Чаир на првиот меч, момците на стратегот Ѓорѓи Мојсов имаат голема шанса да слават против Шкупи и да испишат историја, да се пласираат во првото свое куп финале.
Стадионот ќе биде преполн, се очекуваат најмалку 5.000 гледачи, билетите се распродадени, јасно е дека во Кавадарци ќе гори.
Секако дека нема да биде лесно, Шкупи има екстра силен тим, способен да се справи со било кој тим во Македонија, но во Тиквеш сите се свесни дека оваа шанса не смее да се испушти, ова е златна шанса, ова е шанса на деценијата за кавадарчани.
Тренерот Мојсов нема некои поголеми проблеми со играчкиот кадар, ќе може да смета на својот најдобар тим, со надеж дека ќе ги оствари желбите и амбициите на сите во Тиквеш, но и на цело Кавадарци.
Во вториот меч се среќаваат Македонија ЃП и Воска. Гостите од Охрид овој реванш ќе го започнат со убава предност од 2:0, резултат со кој славеа на свој терен на првиот меч.
Сепак далеку од тоа дека се е готово. Имено Македонија ЃП а актуелен бранител на пехарот, “лавовите“ и тоа како добро знаат да играат вакви мечеви, сепак Воска е во голема предност и реално е поблиску до финале.
Дали ќе имаме финале Тиквеш – Воска? Останува да се види.
Имено ако по 90 минути на овие две средби нема севкупен победник, веднаш ќе се изведуваат пенали, нема да има продолжување.