Фудбалерите на Фиорентина и Астон Вила се први патници во полуфиналето на УЕФА Конференциската лига. По 120 минутна борба, Италијанците успеаја да го скршат отпорот на Викторија Плзен и да дојдат до посакуван триумф за полуфинале. И вечерва во Фиренца не видовме голови во регуларниот дел од мечот, но затоа, во продолженијата „виолетовите“ двапати ја погодија мрежата на чешкиот тим и успеаја да се пласираат во полуфиналето.
Гонзалес погоди во 92. минута за водство до 1-0, а печат на пласманот во следната рунда стави Бираги со погодокот во 108. минута.
На мечот во Франција, Астон Вила по подобро изведување на пенали успеа да го елиминира Лил и да обезбеди полуфинале. Во регуларниот дел Лил успеа да слави со идентични 2:1 како што Астон Вила славеше на првиот меч дома и да се избори за продолженија. Таму не видовме погодоци, па пеналите мораа да решаваат.
Одлучувачки беа промашувањата на Лил во првата и петтата серија, по што Астон Вила со само едно промашување успеа да дојде до посакуваните 3:4 за полуфинале.