Брегалница – Работнички 0:1 е епилогот од денешниот дуел во Штип, прв од 28.коло во ПМФЛ. Решавачкиот момент се случи во 59.минута кога Гандо стрелаше за победа на гостите.
Тврд меч, не така атрактивен, тежок меч за играње ако се знае од каква важност беше. Голема победа и големи три бода за Работнички за избегнување на опасната зона во долниот дел.
Инаку во првиот дел нема нешто што треба премногу да се одбележи. Брегалница беше нешто поактивна, а во 31.минута “сините“ имаа шанса откако Ѓ. Ѓорѓиев шутираше со глава, нафрли Робакидзе, но за малку покрај левиот дирек на Работнички.
Гостите во 45.минута се заканија преку Ангелов кога младиот фудбалер на Работнички шутираше од речиси мртов агол.
Во второто полувреме иста слика на теренот во Штип. Тврд меч, се играше без никаков ризик, и иако трите бода им беа важни на двете екипи, сепак најважно беше да се не загуби.
Публиката ја “загреа“ она што се случи во 54.минута кога Пепи Ѓорѓиев се обиде со ножички да упати удар кон голот на Алексовски, но остана само на обид.
Во овие моменти гостите како да ја подотворија играта, се креираа акции, но далеку беше тоа од некаква си шанса а уште помалку гол.
Но, гол падна во 59.минута кога Регба асистираше а Гандо убаво се снајде за гол и за водство за Работнички.
Ова делуваше шокнтно за домашните, но тие веднаш тргнаа во напад со цел што побрзо да се израмни резултатот. Од друга страна Работнички беше се поопасен кон домашниот гол.
Во 75.минута Брегалница можеше да израмни, Маневски од лево убаво нафрли, а Андерсон за малку не стигна да ја уфрли топката во мрежата на Алексовски.
На крајот резултатот гласеше 0:1 за гостите од Скопје.