Време е за „Ел Класико“: Реал за титула, Барса за продолжување на неизвесноста

283

Реал (М) и Барселона вечерва ќе го одиграат последното „Ел Класико“ во сезоната. Долгоочекуваниот натпревар од 32. коло во Ла Лига е во 21 часот на „Сантијаго Бернабеу“.

„Кралевите“ предводени од Карло Анчелоти имаат 8 бода предност пред Каталонците на врвот и ќе бараат нова победа, што речиси сигурно ќе им ја гарантира шампионската титула. Барса, пак, со евентуален успех над вечниот ривал ќе ги зачува минималните шанси за одбрана на трофејот од минатата сезона.

Каталонците сакаат да му се реваншираат на лутиот ривал за тешкиот пораз од 1:4 во Суперкупот на Шпанија одигран на 14 јануари во Ријад (Саудиска Арабија). Пред тоа, Барса загуби од Реал и во лигата со 1:2 на 28 октомври 2023 година.

Каталонците одат на „Ел Класико“ ранети, по елиминацијата од ПСЖ во Лигата на шампионите. Тимот на Чави ги имаше сите предуслови за пласман во полуфиналето по победата од 3-2 во првиот натпревар, но на реваншот загубија со 1:4 на домашен терен.

“Добро се опоравуваме. Сепак, на некои играчи, како Ферлан Менди, им треба уште еден ден одмор. Но, сигурно против Барса ќе излеземе со нашиот најдобар тим. Тортата е веќе испечена, останува во следниот месец да се стави шлагот“, прокоментира Карло Анчелоти пред натпреварот.

По Ел Класико, Реал и Барса имаат уште 6 натпревари до крајот на шампионатот во Шпанија.

ПретходноЛевандовски: Можеме да го победиме Реал!
СледноПроблем за МЗТ Скопје, првата полуфинална АБА 2 пресметка нема да се игра во среда!