Коментар на 28. коло: Тиквеш игра магично, Работнички е во налет, а шампионот повторно има +3!

1121

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Викендов се одиграа сите натпревари од 28.коло. Нема дилеми, Тиквеш е хитот на сезоната, Тиквеш под водство на Ѓорѓи Мојсов игра магично. Откако во средата преку Шкупи се пласира во големото финале во Купот на Македонија, вчера кавадарчани ја решија и една Шкендија и тоа со стил.

Иако немаат најголем буџет, далеку од тоа, иако немаат којзнае каков ростер, овој Тиквеш игра со срце. Овој тим секогаш оди на победа, без разлика против кого игра и затоа сега по 28.коло, се наоѓа на 4.место, веднаш зад екипите кои се борат за титулата, но пред еден Гостивар кој троши десет пати повеќе пари, пред Силекс, Работнички, Брера…

Ова е фантастичен успех за Мојсов и неговите момци. Уште ако ја победат Воска во финалето и му донесат на својот град историски настап во Европа, е тоа ќе биде нешто нестварно.

Браво за Тиквеш, секоја чест за Тиквеш.

Ако некој помисли дека Работнички ќе испадне од ПМФЛ, се чини дека се излажа. Јасно, има уште да се игра, но тие 7 од можни 9 бода на последните три меча, ставаат до знаење дека нашиот втор најтрофеен клуб, и тоа како нема намера да си дозволува непотребни лудории. Да се потсетиме, Работнички е во -2 бода и поради судиската грешка на гости кај Воска, тоа го призна и Судиската анализа.

Со тие два бода сега тимот на Горан Станиќ ќе беше едно место погоре, на седмата позиција. Но и вака е добро за тимот од Дебар Маало.

Дали Струга ТЛ е најголемиот добитник по ова коло? Ибраими со својот 197 гол во ПМФЛ ја реши Македонија ЃП, ги турна “лавовите“ кон ВМФЛ, а својот тим го однесе на +3 на врвот. Шкендија разочара во Кавадарци, а Шкупи продолжува сам да си пука во нога што се вели. Има смена, па нема тренерска смена, па Жижовиќ си заминал, па кој ја води екипата, па….

Навистина несериозно од еден тим како Шкупи кој сака да биде шампион.

Да, една од овие три екипи, Струга ТЛ, Шкупи и Шкендија нема да ја види Европа ова лето, и тоа ќе биде вистинска катастрофа, вистински ужас, а посебно за тетовци кои важат за наш најбогат клуб, за клуб со најголем буџет.

Но, тоа е.

Има уште пет кола до крајот, шампионот сега се прашува, но во игра се уште по 15 бодови за секого. Значи ништо уште не е готово.

Со победата над Вардар тимот на Воска направи гигантски чекор кон опстанокот во ПМФЛ. Како што сега стојат работите се чини дека им нема спас на Брегалница и Македонија, иако и овде ништо уште не е готово.

А Вардар мора да запне ако не сака да игра уште еднаш бараж.

ПретходноШпекулации или…: Мурињо во Ливерпул, Клоп во Баерн Минхен а Тухел во Јунајтед?!
СледноЛегендата на Италија од 2006 година е нов тренер на Удинезе