Деспотовски: Титулата е резултат на тимската работа, функционалноста на клубот и визијата на долги патеки

270

Одбојкарките на Работнички и оваа година останаа на одбојкарскиот врв во Македонија. Во три меча ја решија финалната плеј-оф серија со Струмица и успеаја да направат хет-трик титули во низа, потврдувајќи го квалитетот.

Тренерот на шампионките, Душко Деспотовски, неколку дена по завршницата на шампионатот со свој коментар за сезоната и одбраната на титулата.

„Зад нас е една доста тешка и напорна сезона, со набиен распоред на натпревари особено во првиот дел, сезона со резултатски осцилации, несвојствени за нас, кои секако ќе бидат предмет на анализа во периодот кој следува. Успеавме да се стабилизираме и консолидираме во втората фаза од натпреварувањето, во фазата на разигрување за подобар пласман, кога беше всушност и најпотребно за на крајот да заврши онака како што посакувавме, убедливи две победи во полуфиналето против екипата на Јанта Волеј и три во низа максимални победи без загубен сет во финалната серија против Струмица жени. Што се однесува до финалната серија, одигравме тактички многу зрело и искусно, онака како што доликува на екипа која три години по ред е шампион во домашното првенство. Направивме добра анализа на противничката игра, добра тактичка подготовка, девојките успеаа да ги спроведат на терен сите задачи и насоки на стручниот штаб за на крајот финалето да заврши со убедливи 3:0 во победи, односно 9:0 во сетови и покрај повредата на нашиот прв техничар, мозокот на нашиот тим Ерјона Јонузи на почетокот на третиот натпревар. Сепак, маестрално одигра нејзината замена Јана Балов, која дефинитивно покажа дека едноставно “мора” да биде повикана на поширокиот список на следниот репрезентативен собир заедно со Ирма Ѓурѓевиќ на примачката позиција како и двете либера Сара Димитриоска и Фросина Трајковска, покрај сите наши репрезентативки од последниот репрезентативен собир“, вели Деспотовски.

Деспотовски вели дека Струмица беше одличен ривал и екипа која имаше голем напредок во последната сезона.

„Морам да ја искористам оваа прилика да им честитам и да им се заблагодарам на моите играчи, на целокупниот стручен штаб, на управата на клубот, спонзорите и поддржувачите, кои покажаа дека само со тимска и посветена работа, функционалност на клубот на сите нивоа, одличен менаџмент, стратегија и визија на долги патеки се доаѓа успех и врвни резултати. На екипата на Струмица Жени сакам да им честитам на успешната сезона, за трофејот во Купот на ОФМ како и за борбената и пожртвувана игра во финалните натпревари. Во периодот што следува ние како клуб продолжуваме со активен тренажен процес до крајот на јуни, период кој ќе го искоростиме пред се за корекција на одредени техничко-тактички елементи, и секако ќе им дадеме можност и шанса за докажување на дел од младите играчи од младинските школи на клубот. Младинските категории продолжуваат да работат со полна пареа, исто така до крајот на јуни, по што сезоната ќе ја заокружиме со традиционалниот одбојкарски камп од 24 – 30 јуни во Неи Пори – Грција“, заврши Деспотовски.

ПретходноМу истекува договорот со Реал, Арсенал прв застана во редот!
СледноСкандал на трибините во Денвер: Браќата Јокиќ со боксови решаваа проблеми во публиката (ВИДЕО)