Кошаркарите на Денвер поведоа со 2:0 против ЛА Лејкерс во првото коло од плејофот на Западната конференција во НБА лигата, откако победија со 101:99.
Победата за актуелните шампиони донесе Џамал Мареј во последните моменти од средбата, откако натпреварот го заврши со 20 поени и пет скока, а најефикасен беше српскиот центар Никола Јокиќ со трипл-дабл учинок од 27 поени, 20 скока и 10 асистенции.
Во тимот од Лос Анџелес, Ентони Дејвис постигна 32 поени со 11 скока, Леброн Џејмс имаше 26 поени, 12 асистенции и осум скока.
Денвер им го нанесе 10-тиот последователен пораз на Лејкерси, а третиот натпревар ќе се игра ноќта меѓу четврток и петок во Лос Анџелес.
Кошаркарите на Њујорк поведоа со 2:0 против Филаделфија во првото коло од плејофот на Источната конференција, откако победија со 104:101 во втората пресметка. Никс ги предводеа Џејлен Бренсон со 24 поени, осум скока и шест асистенции, Џош Харт со 21 поен и 15 скока и Донте ДиВинченцо со 19 поени, кој на крајот постигна важна тројка.
Во тимот на Филаделфија најефикасни беа Тајрис Макси со 35 поени и Џоел Ембиид со 34 поени. Следниот трет натпревар се игра ноќта меѓу четврток и петок во Филаделфија.
Кошаркарите на Кливленд поведоа со 2:0 против Орландо во првото коло од плејофот на Истокот, откако синоќа славеа со 96:86. Донован Мичел постигна 23 поени, а кај Орландо Паоло Банкеро постигна 21 поен.