Милев: Струмица покажа дека посветено работи на иднината на машката одбојка

121

Одбојкарите на Струмица вчера по11. пат ја освоија шампионската титула на домашната сцена и ја продолжија доминацијата започната со години наназад. Сепак, за разлика од минатите години кога се чини дека струмичани немаа вистински ривал, годинава добро се испотија за да дојдат до шампионскиот пехар.

Еден од најискусните во струмичкиот тим, Владо Милев, кој го поведе тимот до нов пехар, даде своја генерална оценка на целата сезона.

„Зад нас е една од најтешките сезони. Уште од самиот старт на сезоната се соочивме со проблеми, кои не не изоставија во текот на целата сезона, меѓутоа целиот наш колектив покажа огромна сила, одговорност, мотивација за на крај, сезоната да ја завршиме со освојување на 11-тата шампионска титула. Иако тешка, оваа сезона ќе биде и најуспешна за нашиот клуб, бидејќи веќе во пионерска конкуренција сме шампиони, сениорите исто така, а во сабота се игра финале и во младинска конкуренција, каде исто така очекувам да станеме шампиони. За крај на 12 мај кога е закажан финалниот турнир во кадетска конкуренција каде сме во финале, очекувам да го освоиме и тој пехар и во сите можни категории да славиме, со што уште еднаш ќе докажеме дека во Струмица се игра одбојка, се работи посветено и Струмица има иднина во машка конкуренција. Не застануваме тука, веќе уште од денеска ќе работиме на креирање на планот, целите, ростерот и буџетот за следната сезона, имаме интересни можности и планови за подигнување на нивото на клубот за кој во блиска иднина ќе знаеме нешто повеќе. Сакам да искажам уште еднаш огромна благодарност до сите наши членови, играчи, стручен штаб, бидејќи во текот на цела сезона дадоа и повеќе од своите можности“, вели Милев.

Струмица оваа сезона беше наш преставник и во европските купови, па останува да видиме дали трендот на настапи во Европа ќе продолжи и оваа есен.

ПретходноТРИКРАТНИОТ ШАМПИОН ИГОР ИЏЕ СТЕФАНОВСКИ ВО ПОХОД ПО НОВА ЕВРОПСКА ТИТУЛА
СледноМиовски за „СпортСпорт“: Секој гол има посебно значење за мене, горд сум што станав дел од историјата на Абердин!