Лазаров: Ги почитуваме Ф.Острови, но се почитуваме и себе си! Верувам во играчите!

153

Кирил Лазаров и неговите момци се пред нова мисија – пласман на Светското првенство 2025 година кое ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка. Противник е Фарски Острови, име кое во минатото беше најпосакувано, но сега мислењето е променето. Оваа репрезентација од година во година напредуваше, направи долгорочен проект, кој полека, но сигурно дава резултати. Токму затоа секој кој што ќе игра против „фараните“ ќе мора да ги сфати сериозно, во спротивно нема да биде лесно.

На ова предупреди и селекторот, Кирил Лазаров.

„По ждрепката рековме дека можеме да минеме и подобро и полошо. Фарски острови е сериозен противник, тим што е во подем. Можеби не звучат така, но тие што го познаваат спортот знаат дека се работи за многу квалитетен тим.
Мораме многу сериозно да работиме во овој период. Фарските острови во континуитет неколку години остваруваат забележителни резултати и напредуваат. Анализите што ги направивме ни покажаа дека се константни во играта и во двата правци. Да не заборавиме ја изненадија Норвешка. Во залет се, веруваат во изненадување против нас. Мислам дека шансите ни се подеднакви.

Но, јас верувам во нашите играчи, имаме млад и квалитетен тим што се подобрува како минува времето. И нашите играчите собираат искуство, сериозно ќе го сфатат противникот.
Мораме сериозно да работиме во ова кратко време. Иако е празник, клубовите и РФМ ни излегоа во пресрет и имаме ден два повеќе за подготовка.

Од информациите знаеме дека имаат мала сала која ќе биде полна и бучна, и ќе треба и ментално да се спремиме за да нема изненадување. Ги почитуваме, но се почитуваме и ние. Ќе ги искористиме овие неколку тренинзи за што пдобро да се спремиме“ вели селекторот Лазаров.

Тимот ќе биде комплетен во понеделник, последен ќе пристигне Митревски.

„Митревски и Талески утре играат дерби во Португалија. Тале ќе ни се приклучи во недела наутро, а Митревски ќе дојде вечерта и во понеделник ќе бидеме комплетни“, изјави селекторот.

ПретходноЛазаров дополнително го повика Карапалевски!
СледноРублев подобар од Фриц за финале во Мадрид