Македонската ракометна машка репрезентација во полн состав ги одработува мини подготовките за бараж двомечот против Фарски Острови за пласман на Светското првенство следната година кое ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка.
Нашите момци се свесни дека мора да одиграат перфектно за да го заверат билетот за Мундијалот. Пред себе имаат противник кој не смее да биде потценет ниту во еден момент.
На Европското првенство кое не е толку далеку зад нас, Македонија направи чекор напред, научи многу, сега оваа генерација има поголемо искуство. Го прашавме Томислав Јагуриноски дали сето ова може да се почувствува на овие подготовки за бараж мечот со Ф.Острови?
„Од претходното Европско првенство извлековме многу поуки за нашата игра. Македонија е незгодна репрезентација во бараж мечевите, но доби и исто така незгоден противник кој напредува од еден во ден. Имаме свои силни страни, ги знаеме и нивните слабости. Одиме да одиграме мудро, пред нас се 120 неизвесни минути“, ни изјави Јагурноски.
За противник имаме репрезентација која некогаш беше посакувана за вакви мечеви, но сега приказната е поинаква. Каква Македонија треба да видиме на овие дуели за да се пласираме на ново Светско првенство? Што ќе биде клучно?
„Многу работи ќе бидат клучни за овој бараж меч со Фарски Острови. Се стремиме и подготвуваме за брзиот ритам кој го наметнува противникот, и нивниот трпелив напад „седум на шест“, тие беа вистинско изненадување на Европското првество. Репрезентацијата која ќе се надмине себе и ќе одигра два префектни натпревари ќе биде патникот на Светско Првенство“, додаде Томи.
Македонија утре наутро со чартер лет заминува за Фарски Острови, мечот се игра на 8. мај, додека пак реваншот е закажан за 12. мај во СЦ „Борис Трајковски“, билетите веќе се пуштени во продажба.