По разделбата со Гоце Седлоски, кој не се задржа многу на клупата на Работнички, раководството на клубот од Градски парк, секако по препорака на директорот Сенад Муминовиќ, повлече максимално исправен потег. Го назначи директорот на Академијата на Работнички, Горан Станиќ за нов шеф на стручниот штаб, и не само што не погреши, туку постапи маестрално.
Посебно ако се знае дека и во есенскиот дел по заминувањето на Милан Илиевски и доаѓањето на Гоце Седлоски, во тој меѓу период Станиќ двапати го водеше тимот и успеа да дојде до две победи и освои 6 бода.
Пред Станиќ сега и официјално да седне на клупата, факт е дека Работнички беше меѓу оние најзагрозени тимови, постоеше опасност дури и да испадне. Но, мирен и работлив, таков беше и како фудбалер, Станиќ знаеше што треба да прави со тимот во кој и тоа како има квалитет.
И од 2 април па навака, Работнички под тренерската палка на Станиќ на шест средби освои 14 бода од максимални 18, а знаеме дека кај Воска му беше поништен чист гол, тоа го кажа и Судиската комисија во својата анализа, и Работнички не само што пркна туку сега се наоѓа на 5.место на табелата, далеку од опасната зона. Уште ако ги сметаме оние два меча од есеноска и две победи на нив, тогаш Работнички под водство на Станиќ има шест победи и две ремија, без пораз е на тие осум средби, со освоени 20 бода од можни 24.
Се чини подобро и не може.
Значи Работнички под водство на Станиќ е некој нов, победнички, СУПЕР – РАБОТНИЧКИ.
Едноставо гази се пред себе и ако сега почнуваше сезоната секако дека ќе беше еден од најголеми аспиранти за највисок пласман, па дури и за титулата.
Остануваат да се одиграат уште две кола до крајот на сезоната а Работнички му оди на Гостивар и дома ја чека Шкендија, ете можност Станиќ со своите пулени и тоа како триумфално да ја заврши сезоната.
Сега Работнички со Станиќ на клупата не стравува од ривалите, туку тие стравуваат од овој силен и моќен Работнички.
Уште еднаш, секоја чест за директорот Муминовиќ кој знаеше што треба да прави по заминувањето на Седлоски, му даде шанса на Станиќ а овој максимално ја искористи. И со тоа двајцата го спасија клубот од големи непријатности, секако дека мислиме на резултатски план.
Инаку да се потсетиме на тоа кој е Горан Станиќ. Роден е на 8 септември 1972 година во Скопје. Како фудбалер има играно за Вардар, Леида (Шпанија), Цементарница, Работнички, Рад (Србија), а потоа и во шкотските Реит Роверс, Ливингстон, Ст. Џонстон и Ист Фајв. Има забележано настапи и за нашата најдобра репрезентација.
Како тренер, односно селектор беше предводник на сите младински селекции на Македонија, а е специјалист за работа со млади играчи, таленти, знае и тоа како да им даде шанса. Тоа со упех го прави сега во Работнички, кај него секогаш предност имаат оние млади и талентирани момци, кои имаат среќа токму тој да им биде тренер.
Нема што, Работнички со Станиќ на клупата и тоа како ќе се прашува следната сезона во нашата елитна лига.
СИТЕ МЕЧЕВИ НА СТАНИЌ СО РАБОТНИЧКИ ВО ПМФЛ
04.11.2023: РАБОТНИЧКИ – Силекс 1:0
12.11.2023: Македонија ЃП – РАБОТНИЧКИ 0:1
…………………………………………………………………………
07.04.2024: Воска – РАБОТНИЧКИ 1:1
14.04:2024: РАБОТНИЧКИ – Вардар 1:0
20.04.2024: Брегалница – РАБОТНИЧКИ 0:1
28.04.2024: РАБОТНИЧКИ – Македонија ЃП 1:1
01.05.2024: Силекс – РАБОТНИЧКИ 0:1
04.05:2024: РАБОТНИЧКИ – Тиквеш 3:1
ВКУПНО: 8 6 2 0 10:3 20 бода