Македонската одбојкарска репрезнетација утре и задутре во Романија ќе одигра два пријателски меча со тамошната селекција како генерална проба на квалитетите пред почетокот на новото издание на Златната лига на ЦЕВ. Капитенот и најдобриот наш одбојкар, Никола Ѓоргиев, пред заминување ги истакна своите очекувања од оваа нова генерација одбојкари која треба да го продолжи трендот настапи на Македонија на големите натпреварувања.
„За мене ова е еден нов почеток. Ова е една нова генерација која сега треба да го помине патот кој го помина минатата генерација. Возбуден сум што ќе бидам капитен и на овие деца и се надевам дека ќе им го вградиме тој македонски победнички дух и ќе го продолжиме патот кон ново европско првенство. Изненаден сум од напредокот на некои играчи кои се гледа дека многу работеле на себе. Сакам да видам како ќе изгледаат пријателските со Романија, како и дуелите во Златната лига овде во Струмица, па главното доаѓа во август со квалификациите за ЕП. Најважно е да останеме здрави, да го изградиме тој победнички дух и атмосфера кои не красеа и минатите години и мислам дека може да се надеваме на едно успешно лето“, вели нашиот коректор.
Македонија настапите во Златната лига на ЦЕВ ги почнува на 17 мај во Струмица со меч против Естонија.