Вечерва во Битола во третиот меч од полуфиналето од плеј-офот во нашата елитна лига, Пелистер со 85:79 успеа да го совлада Работнички и со тоа да поведе во серијата со 2:1. Ова значи дека битолчани уште на следниот меч, исто во Битола, ако победат, ќе се најдат во финалето, во битката за титула. Познато е дека се игра во три добиени. Ако биде 2:2 тогаш решавачкиот меч се игра во Скопје.
Гостите од Скопје подобро го отворија мечот, имаа и +8, а првата четвртина ја добија со 21:24.
Пелистер се врати во игра, знаеше што сака во таа втора четвртина и успеа да дојде до водство од 43:42, со овој резултат се замина на пауза.
Следуваше фаза од мечот во која Пелистер беше нешто подобар, постојано беше во водство, но гостите секогаш беа тука за да се заканат. И на крај се влезе во неизвесна завршница, во која домашните знаеја како да го победат ривалот и да дојдат до водство во серијата од 2:1. Ова значи дека се на чекор до финалето.
Магдевски и Мијовиќ имаа по 18 поени кај домашните, додека кај гостите Рикиќ забележа 22 поени а Трајс два помалку.