Попладнево во 17 часот во Тетово, во меч од 32.коло се среќаваат Шкендија и Струга ТЛ. Тоа ќе биде мега – пресметка, тоа ќе биде дуел за титула. Математиките се јасни. Ако победи Шкендија тогаш ќе освои својата петта титула во клупската историја, ако пак победи Струга а Шкупи не победи со Брера, тогаш актуелниот шампион ќе остане на врвот на мак – фудбалот, ќе дојде до својот втор шампионски пехар во својата историја.
Токму затоа овој меч е супер интересен, меч кој ќе го даде владетелот во мак – фудбалот до јуни наредната година.
По Шара ќе врие, Шкендија сака одново да дојде до пехарот, последен пат тетовци беа шампиони во сезоната 2020/21. Се очекува голема посета на трибините на стадионот кој е во изградба, се очекува верните фанови на Шкендија да им дадат ветар во грб што се вели, на своите миленици.
Факт е дека Шкендија е во подобра форма, тимот на стратегот Јетон Беќири влезе во победничка серија кога беше најпотребно, ги искористи киксовите на шампионот и сега е во предност во битката за титулата.
Од друга страна Струга ТЛ има искуство, има квалитет, ги има Бесарт Ибраими и Марјан Радески инаку некогашни играчи на Шкендија. Со нив како најдобар напаѓачки тандем во ПМФЛ, Струга ТЛ може да дојде до резултат кој и одговара и да ја освои титулата среде Тетово, и на најубав начин да покаже кој е кој во мак – фудбалот.
Што се однесува до традицијата, таа е на страната на Струга ТЛ. На досегашните 14 меча екипата на Струга ТЛ победила седум пати, Шкендија славела на 4 меча а три меча завршиле без победник.
Интересно, на последните три меча во Тетово, гостите славеле на двапати.