Новата генерација е пред најважниот тест: Како невозможното може да стане возможно?

900

Марија Ковачева

Новата генерација денеска е пред најважниот тест, сама ќе одлучи дали ракометна Македонија ќе остане на 13 учества по ред на големите натпреварувања или пак нашето знаме повторно ќе се вее меѓу земјите кои избориле учество на истите.

За првпат после генерациската смена, македонската ракометна репрезентација без лидерите како Лазаров, Стоилов, Миркуловски, Георгиевски…брка место за пласман на едно Светско првенство. Последното беше пред две години, кога под водство на овие ракометари ги минавме Романија и Чешка.

На гостувањето кај Фарски Острови видовме дека оваа мисија е пеколно тешка, дека оваа земја која го преслика данскиот систем и градеше национален тим, порасна низ годините, додека ние сите недостатоци ги прикривавме токму зад крилата на гореспоменатите играчи.

Дојде време кога не само ракометарите, туку и целата јавност да се соочи со реалноста. Искрено, јас сум прва во редот која верува дека вечерва (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе видам поинаква Македонија, дека вечерва сите кои ќе се најдат на списокот на Лазаров за овој реванш, невозможното ќе го направат возможно, и дека Македонија ќе го живее сонот наречен СП.

Негативата е голема, речиси недостижна, ако се суди според онаа игра на првата средба. Фарски Острови на дуелот ќе влезе со 7-0, бидејќи нашите ракометари загубија на гости со 34-27.

Што треба да видиме за да оваа толку голема негатива стане достижна?

На прво место е борбеноста. За жал на првата средба не ги видовме оние искри на теренот како против Швајцарија на последниот меч од групната фаза на ЕП 2024 година. Во ниту еден момент ја немаше таа решителност, спортска дрскост, одбраната беше разнишана на стартот, самодовербата како да исчезна, па наместо поволен резултат, Македонија се врати со голем пораз.

Сепак, ние како Македонци секогаш веруваме до крај, бидејќи така не научи претходната генерација. Во Скопје секој што дошол не поминувал лесно. Атмосферата секогаш е пеколна, а ракометарите на терен изгледале како вистински виони.

Го имаме примерот со Чешка многу одамна (Македонија се врати со негатива од шест гола на крајот славеше пласман на СП), се надевам дека и ракометарите го погледнале. Навивачите ќе бидат на трибините, останува овие момци да изгинат на теренот, да ги демантираат сите – дека ракометна Македонија сепак има иднина и дека се зрели за вакви тестови.

И најважно да се заборави фактот дека Фарски Острови дојдоа уморни, Фарски Острови на теренот ќе бидат еднакво гладни за победа, бидејќи сакаат да испишат нова ракометна историја.

Билети за мечот останаа уште малку, па секој кој што не ја набавил својата карта тоа може да го стори и денеска.

ПретходноМега – пресметка под Шара: Шкендија VS Струга ТЛ, битка за титула!
СледноЛазаров направи промени во составот за реваншот со Фарски Острови