Пишува: Зоран Ѓоршоски
Зарем некој смееше да ја отпише Струга ТЛ во битката за титулата? Зарем некој сметаше дека Бесарт, Радески и другарите така лесно ќе го препуштат на друг тронот во мак – фудбалот?
Струга ТЛ е чудо, клуб кој постои само 8-9 години по вторпат по ред е шампион на Македонија. Навистина за рипли. Можеме да кажеме дека оваа титула е послатка од таа ланската, првата. И тоа поради фактот дека оваа сезона ќе ја паметиме по тројната трка за титулата до вчера, но и поради фактот дека Струга ТЛ го потврди приматот кај една Шкендија. Тетовци по одличната серија мислеа дека се е готово. Дека се доволно добри да ја победат Струга ТЛ без никаков проблем, но она што вчера го одигра, и како го одигра шампионот, ќе се раскажува долго, долго.
Бесарт се разигра, Шабани истрча како никогаш досега, Радески имаше свои мотиви и тоа какви, голманот Ќосевски феноменален кога требаше, одбраната фантастична и кога сето тоа го посложи тренерот Гега на тактички план како што треба, е тогаш Шкендија пред своите фанови ја почувствува силината на шампионот.
Сега Шкендија стравува дека можеби нема да излезе и во Европа, а Струга ТЛ се подготвува за шампионска прослава во сабота кога ќе год добие пехарот по ревијалниот меч против Шкупи.
Да, како Струга нема друга, поточно како Струга ТЛ нема друг.
Честитки за новата титула и Струга ТЛ ова лето ќе ја претставува Македонија, по вторпат едноподруго, во квалификациите во Лигата на Шампионите ова лето.
Вардар со ремито во Кратово и дефинитивно оваа сезона ја заврши на 10.место, место кое води во баражот а во него Вардар ќе игра против Детонит.
Како изгледаше ситуацијата на табелата во февруари кога почна пролетниот дел и ова е супер успех на играчите на тренерот Горазд Михаилов.
Работнички на Станиќ и во Гостивар остана непоразен, а Брера направи изненадување на Чаир.
Убав фудбал во Ѓорче каде во дуелот на веќе испаднатите, Македонија ЃП славеше против Брегалница.
Во Кавадарци во предигра на финалето во Купот, разбирливо и Тиквеш и Воска се „чуваа“ за тоа што ќе се случува на 22 април на Арената “Тодор Проески“ во Скопје.