Првенства на Македонија во шах: За титулата кај мажите има повеќе кандидати, додека, пак, шахистките на ШК Алкалоид се издвоија во женска конкуренција

132
Матеј Бојковски

На Отвореното првенство на Македонија во шах, кое започна викендов, вчера се одигра четвртото коло. И во него како и во претходните имаше помали изненадувања, со што на табелата се издвоија петмина играчи меѓу првите 10 носители како фаворити за конечен триумф.

Во согласност со правилата за парување според швајцарскиот систем, тие сега започнуваат со меѓусебните дуели и низ директни пресметки ќе го дадат конечниот изглед на табелата.

Она што е интересно да се одбележи е тоа дека речиси во секое коло имаше по некој сензационален резултат. Така, во првото коло младинецот на ШК Алкалоид Матеј Бојковски (1697) успеа да го изненади шестиот носител Антон Златков (2257) со ретко играна варијанта на сицилијанската одбрана, при што успешно ги искористи непрецизностите во играта на противникот, ја препозна шансата што му се укажа и со одлична техника ја финишираше партијата правејќи матна мрежа. Бојковски продолжи со одличната игра и во второто коло, каде што ремизираше со ФМ Љубомир Илиќ (2051).

Меѓу изненадувачките резултати од второто коло треба да се извојат блесоците на ветераните Атанас Ташевски (1955) и Лазо Спасовски (1770), кои во вчерашното четврто коло стигнаа да играат на првата, односно на третата табла. ИМ Емил Ристески (2365), со победата над Спасовски, стигна до максимални 4 бода, додека, пак, ИМ Тони Лазов (2358), по трите победи во низа во четвртото коло, ремизираше со ФМ Андреј Велјаноски (2290) и е веднаш зад него со 3,5 бода.

Шампионот од 2021 година Филип Михов (2225), исто така, има само половина поен помалку од лидерот, откако во третото коло ремизираше со вториот носител ИМ Никола Николовски (2381), а вчера го совлада Дејан Јанков (2165).

 

Во женска конкуренција се игра посебен турнир со учество на 10 шахистки, кои играат според Бергеровиот систем (секоја против секоја). Паровите беа одредени со ждреб за стартни броеви, па така дел од фаворитките за висок пласман се сретнаа уште во првите рунди.

ЖИМ Габриела Коскоска

Во првото коло Жежовска (1868) го доби мечот со Николовска (1905), додека, пак, во второто коло ремизираше со ЖИМ Габриела Коскоска (1993). Во третото коло Леа Ефтовска (1797) ја совлада Жежовска, па на тој начин внесе неизвесност во борбата за првите позиции. Откако по три кола водечка беше Инџи Ајрадиновска (1809), Леа Ефтовска во четвртото коло ја совлада во директен дуел и го презеде врвот со 3,5 бода. Сепак, идентичен скор има и ЖИМ Габриела Коскоска, која во вчерашното четврто коло имаше лесна победа над младата Смилевска, па така двете дами од ШК Алкалоид се на водечките позиции.

На двата турнира се предвидени по 9 кола, односно со партиите од петтото коло, кои се играат во вторник, турнирите влегуваат во втората половина. До крајот ќе се игра по една партија на ден со почеток во 17:30 часот, а прогласувањето на новите шампиони ќе биде на 18 мај.

ПретходноИзречени казните: Пелистер ќе плати 84.000 денари, а за Гечевски суспензија
СледноУјпешт објави разделба со Стефан Јевтовски