Нашата дијаспора во далечната Австралија има вековна историја. Уште од 19. век, Македонците масовно се иселуваа на овој континент, што ќе рече дека вече четири, пет генерации на иселеници живеат во Австралија. Сме добиле од таму бизнисмени, политичари, уметници, но и спортисти кои не го заборавиле своето потекло, своите предци, и секако Македонија.
Што се однесува до фудбалот, дел од репрезентативците со наше потекло решија да настапуваат за Австралија, од типот на Миле Стерјовски, Бен Кантаровски, а дел како на пример Даниел Георгиевски, Стефан Чолаковски, и неколкумина во младинските категории, сепак, се решија за Македонија. Не им земаме за зло секако на оние кои не го сторија тоа туку напротив, одиме во офанзива по нови таленти од таму.
Последен во редот, кого Македонија, треба, мора да го привлече, е 194. сантиметри високиот стопер на Мелбурн Сити, Џејдон Нечовски, еден од најдобрите клубови во Австралија. Момчето е родено 2008 година, и е капитен на својата генерација во националниот дрес на „Кенгурите“.
Му предвидуваат голема кариера, Австралија и тоа како смета на него, но тука е Македонија да му понуди да биде дел од нејзиниот национален тим. Засега ФФМ не го има контактирано Нечовски, а „Спортспорт“, како и секогаш е тука да помогне во пронаоѓањето на фудбалерите низ светот кој имаат наше потекло, а веруваме и желба да настапуваат за Македонија.