Одбојкарите поразени од Естонија во првиот меч од Златната лига 2024 (ФОТО)

508

Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз ги почна настапите во Европската Златна лига 2024. Во првиот меч на турнирот во Струмица во добро пополнетата сала „Парк“, избраниците на селекторот Хари Наковски загубија од Естонија со 3:1, но не разочараа. Со оглед на подмладувањето на тимот и новото селекторско решение, Македонија изгледаше сосема коректно во сите четири сета и немаше да биде незаслужено да освоиме барем бод.

ЕСТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА 3:1 (25-23, 14-25, 25-19, 25-22)

Естонците подобро го отворија мечот. Во првиот сет имаа извонреден прием, што придонесе за одличен напад, а ние не успевавме навреме да затвориме, па им дозволивме на гостите да направат пристојна предост (8:5, 16:11). Сепак по неколку тајм-аути и корекции од клупата, завршницата на сетот беше извонредно интересна. Естонците влегоа со предност од 23:19, а ние се вративме со сероија од 4:0 и дојдовме на 23:23. Никола Ѓорѓиев на сервис погоди во мрежата, а потоа Естонците на свој сервис со голема помош на мрежата дојдоа до лесен поен и го решија сетот со 25:23.

Во вториот сет момците на Наковски тргнаа моќно. Поведовме со 6:1 и покажавме дека сме подготвени да се вратиме во живот. Иако Естонија се обидуваше да ни се приближи, континуирано го одржувавме водството и кога веќе стигнавме до предност од 16:7 беше јасно дека сетот ќе оди во наша полза. Така беше и до крајот убедливо освојувајќи го вториот сет со 25:14 за израмнување на 1:1.

Во третиот сет отворивме со предност, но Естонија се врати во егал, па дури и помина во водство со 12:11. Кон средината на сетот гостите беа подобри, направија разлика и во финишот не успеавме да им се приближиме. Естонија славеше со 25:19 и поведе со 2:1.

Четвртиот сет повторно го отворивме позитивно. Нешто слично на вториот сет, веќе до 10-от поен направивме разлика од три поени (10:7). Естонија фати ритам кон средината на сетот и успеа да поведе со неколку поени, па за нас беше предизвик да се дојде до егал завршница на сетот. Тоа и се случи откако во финишот Естонија имаше предност од 22:20, а ние со два поени дојдовме до 22:22. Сепак, како и во првиот сет кој го загубивме лесно во последните два поени и во овој сет не успеавме да се приближиме, па веќе во првата меч-топка гостите дојдоа до 25:22 и го решија мечот во своја полза.

Никола Ѓоргиев реализираше 17, а Стојан Илиев имаше одличен меч со 16 поени. Кај Естонија Тепан и Темеару имаа по 16 поени.

В недела во истиот термин во салата „Парк“ во Струмица ќе го одиграме вториот меч против селекцијата на Чешка.

ПретходноКуп мечевите се такви: За некого ден, за некого мрак (ФОТО)
СледноКол Палмер е најдобриот млад играч во Премиер лигата