По голема драма: МЗТ Скопје го победи Пелистер и поведе со 1-0 (ФОТО)

364

Финална серија на плеј-офот стартуваше со победа на МЗТ Скопје кој славеше против Пелистер со 82-77 и поведе со 1-0. Според играта на првиот меч дефинитивно ќе гледаме интересна битка за титулата. Актуелниот првак на стартот на последната четвртина остана без својот најдобар кошаркар, Војдан Стојановски, кој се повреди, засега не е познато дали е нешто сериозно.

Лидер кај победникот беше Дамјан Стојановски со 16 поени, 13 поени имаше Танасковиќ, додека на другата страна Костоски имаше 16 поени кај гостите.

Доминација на актуелниот првак во првото полувреме. Битолчани само еднаш поведоа во овој дел од натпреварот, на стартот со 5-6. Од овој момент домашниот тим направи серија од 8-0 поведе со 13-6. Нешто подоцна со пет поени во низа го запиша првото двоцифрено водство (21-11).  Битолчани пред истекот на десетата минута се доближија на 25-23, но Бојан Крстевски постигна тројка за 28-23.

МЗТ Скопје во втората четвртина дури трипати водеше со двоцифрена разлика (33-23, 35-25 и 50-40). Токму со последните плус десет, „сино-белите“ заминаа на одморот.

Пелистер успеа да дојде до второто водство на мечот, 54-56 на во 26 минута. Битолчани направија серија од 10-0 или до овој момент постигнаа 14 поени, а само примија четири. Крстевски го прекина налетот и израмни на 56-56, а веќе во следниот напад Војдан со тројка зголеми на 59-56. Мечот ја доби потребната доза на неизвесност, како што доликува на една финална борба.

Во последниот период, МЗТ Скопје влезе со минимална предност од 65-63, битолчани третата четвртина ја добија со (15-23).

По тројката на Стојановски за 65-66, се повреди Војдан Стојановски, Дамјан кој влезе на негово место постигна тројка во вистинско време, Делалиќ реализираше две слободни фрлања за 70-66. Лука Стојановски доближи на 79-69, по што двата тима влегоа во серија на грешки, притисокот си го правеше своето.

Баковиќ го прекина овој негативен тренд, а Маслинко ја врати неизвесноста, во 36. минута на семафорот стоеја 72-71. Мијовиќ нешто подоцна донесе израмнување (74-74), момент по кој Пелистер влезе во серија на грешки и промашувања. Баковиќ одговори со тројка за 77-74, Танасковиќ погоди два плус еден за 80-74 на 2:20 до крајот, Дамјан не беше прецизен да ја зголеми предноста.

Погреши и МЗТ Скопје, Магдевски реалзираше едно слободно фрлање, Планиќ од истата позиција намали на 80-77. Во многу важен напад за домаќинот Танасковиќ погоди само еден „пенал“ за 81-77. Магдевски направи чекори на 40 секунди до крајот, МЗТ наместо напад за победа, загуби топка. Дамјан го прочита Пелистер, украде топка, а Мијовиќ направи неспортиски фаул врз Стојановски, па следеа технички грешки на двете страни. Нашиот репрезентативец даде едно слободно за 82-77, Мијовиќ промаши, Магдевски направи фаул во напад за потврда на победата на МЗТ Скопје.

ПретходноОФИЦИЈАЛНО: Де Зерби си оди од Брајтон
СледноНадополнија десет бодови негатива и стигнаа на чекор до првата титула по 48 години