Јувентус објави дека Паоло Монтеро ќе биде привремен тренер на Јувентус по отказот на Масимилијано Алегри. По мечот со Аталанта во финалето на Купот, Алегри ги загуби нервите и испрати серија на закани кон новинар на пат кон тунелот на стадионот „Олимпико“ во Рим.
Иако неговиот договор истекуваше летото 2025 година раководството реши да го тргне од кормилото.
Монтеро ќе го предводи тимот на последните два меча од сезоната во Серија А, прво против Болоња во понеделник на гостински терен и потоа против Монца на домашен терен во последното коло.
Монтеро, кој е поранешен играч на Јувентус, а сега актуелен тренер на У19 тимот на Јувентус, прифати да ја заврши сезоната, а потоа раководството да ангажира нов тренер.
А според италијанските медиуми, раководството притиска за Тијаго Мота кој има одлични резултати со Болоња оваа сезона. Болоња избори пласман во Лигата на шампиони, за неговата работа се зборува постојано, па Јувентус сака да го види на својата клупа.
Неофицијално, Јувентус му нуди на Мота тригодишен договор, до јуни 2027 година. Претходно беше соопштено за две години плус една, но сега за три чисти сезони и плата од 3,5 милиони евра по сезона.