Кошаркарите на Минесота го запреа налетот на актуелниот НБА шампион Денвер и се пласираа во финалето на Западната конференција на НБА лигата. Утринава во седмиот решавачки натпревар од полуфиналето на Западот, Минестота го совладаа актуелниот шампион со 98:90 и ја доби „мајсторката“ на гостински терен.
Денвер водеше со 15 поени разлика на полувремето 53:38, а на почетокот на третиот период актуелните шампиони стигнаа и до плус 20, но во тој момент целосно застана, а Минесота успеа да стигне до анулирање на негативата и во завршниот период до посакуваниот триумф.
До големата победа Минесота беше предводена од Карл Ентони Таунс со 23 поени и 12 скока и Џејден МекДаниелс со 23 поени и шест скока, а ги следеа Ентони Едвардс со 16, Руди Гобер со 13 и Наз Рид со 11 поени.
Најдобри во тимот на Денвер беа српскиот центар Никола Јокиќ со 34 поени, 19 скока и седум асистенции и Џамал Мареј со 35 поени.
Минесота во финалето на Западната конференција ќе игра против Далас и ќе има предност на домашен терен, а првиот меч е закажан за ноќта меѓу среда и четврток.
Кошаркарите на Индијана се пласираа во финалето на Источната конференција, откако синоќа во седмиот натпревар го совладаа Њујорк со 130:109. Најефикасни кај Индијана беа Тајрис Халибартон со 26 и Паскал Сијакам и Ендрју Нембард со по 20 поени.
Во финалето на Источната конференција Индијана ќе игра против Бостон, а предност на домашен терен ќе има Бостон.