Азербејџан и Белгија се нашата следна шанса за прв триумф во Златната лига 2024

153

Македонската одбојкарска репрезентација не успеа да ја искористи предноста на домашниот терен и да дојде до првата победа во новото издание на Европската Златна лига 2024. На двата меча од стартното коло во Струмица, избраниците на Хари Наковски претрпеа два порази. Ако на мечот со Естонија имавме одлични моменти, против Чешка останавме без реални шанси за подобар резултат.

Новата генерација на нашиот одбојкарски тим и пред почетокот на Златната лига најави дека овие дуели ќе се искористат за воигрување на тимот пред августовските квалификации за Европското првенство, но јасно е дека ќе мора да се потрудиме и резултатски да не потфрлиме комплетно, затоа што лесно може да се случи да испаднеме од оваа лига на најдобрите европски репрезентации.

Следна шанса за нашиот национален тим за прва победа ќе биде селекцијата на Азербејџан. И Азербејџанците, како и ние, во првите два меча тргнаа со два порази. За разлика од нашата селекција, Азербејџан не успеа да освои ниту сет на првите два меча со Романија и Украина и тоа ги сместува на самото дно на табелата, каде е уште и селекцијата на Луксембург со скор 0-6 во сетови.

Дуелот со Азербејџан избраниците на Наковски ги чека веќе в сабота во белгискиот град Беверен каде е следниот турнир од Златната лига за нас. Покрај овој меч в сабота од 17.30 часот, ден подоцна нашата селекција ќе има тежок меч со домаќинот на турнирот Белгија, која изненадувачки како и ние во првите два меча двапати загуби со само еден освоен сет.

Со оглед на формата на следните два противника, да се надеваме дека на овие два меча може да ја очекуваме првата победа во Златната лига 2024.

ПретходноЗверев го освои Рим, следна цел Ролан Гарос
СледноПоп Ацев влезе во „Куќата на славните“ во маратонско пливање