Коментар на 33.коло: Ова е најдоброто во фудбалска Македонија!

735

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Кога нешто ќе освоиш по првпат, можеби е тоа случајност иако со +10 бода разлика нема случајности, но кога тоа ќе го повториш уште еднаш и тоа во најнеизвесната сезона во историјата на мак – фудбалот, е тогаш тоа и дефинитивно не е случајно.

Се разбира дека тука мислиме на новата, втора во низа, титула за Струга Трим Лум.

И најпрво честитки за најдоброто во фудбалска Македонија а потоа и образложение зошто сезоната 2023/24 заврши како што заврши, барем во поглед на битката за титулата.

Струга ТЛ 64, Шкендија 64, Шкупи 62…

Еве го поредокот по последното 33.коло сезонава во ПМФЛ. Стружани се први зошто имаат подобар меѓусебен скор со Шкендија, Шкупи е трет и нема да игра во Европа, но затоа сега ќе се изначитаме соопштенија од Чаир.

А кој им беше виновен што во 31.коло дома загубија од Шкендија, а кој и е виновен на Шкендија што дома загуби од Струга ТЛ. Ова се двата меча кои го решија прашањето околу тоа кој ќе биде шампион.

Сега стружани уште една година ќе се перчат и нарекуваат шампиони пред двата гиганти, пред една Шкендија која веќе трета сезона по ред не може да дојде до тронот а троши пари тројно повеќе од Струга ТЛ, ако не е повеќе.

Струга ТЛ е феномен сам по себе. Клубот е основан во 2015 година и за девет години двапати е крунисан во најдоброто во Македонија. Да, имаат одличен играчки кадар, пред се тандемот Ибраими – Радески, имаат одличен спонзор, имаат оперативци кои брзо ги решаваат проблемите и имаат раководство кое знае да повлече потег во вистински момент, како на пример смената на Дуро на три кола до крајот и назначувањето на Гега за в.д.тренер.

И ако лани Дуро ја донесе првата титула, тогаш оваа сезона тоа го стори токму Гега со фантастичниот настап на Струга ТЛ под Шара кога просто неговите момци ја декласираа и понижија Шкендија, и играчи и резултатски.

Ниту еден тим во изминатата деценија откако “Еколог“ е на чело на клубот, никој така како Струга ТЛ пред една недела, не ја понижил Шкендија на нејзин терен, пред нејзините фанови.

И затоа Струга ТЛ заслужено е прва, никој не смее да бекне нешто против, и ако тоа го направи тоа ќе биде од завист и ништо друго.

Сезона за паметење на Тиквеш. Кавадарчани се четврти, тимот на фантастичниот стратег Ѓорѓи Мојсов заврши пред Силекс, Брера, Гостивар кој е најголемото разочарување зошто има најголем буџет, потоа пред Работнички.

Уште ако Тиквеш во среда го освои Купот и со тоа избори пласман во Европа, е тогаш во Кавадарци ќе биде лудо, ќе биде лудница.

Има уште многу да се говори, анализира, детализира, но оваа сезона ќе се памети и по битката за опстанок.

Вардар успеа да дојде до баражот, се чини тоа беше максимумот, но затоа во ВМФЛ заминаа Брегалница и Македонија ЃП. (Не)очекувано ако се знае какви беа амбициите.

Да, сите ја гледаа Воска како кандидат за испаѓање, но Срле е тренерот кој и даде нова сила на оваа екипа и ја однесе до финалето на Купот а во првенството и донесе директен опстанок.

Голем, огромен успех за Воска и Захариевски.

Реално од Силекс и Васоски повеќе се очекуваше. Посебно во пролетниот дел, но тоа е тоа.

На крај за Работнички, клуб кој имаше турболентна сезона. Сепак во финишот на сезоната овој тим предводен од Станиќ покажа дека има квалитет во себе и со адекватни засилувања, веројатно 3-4, во следната сезона би можел да се бори дури и за самиот врв.

Но, тоа е за следната сезона, а до тогаш има уште време….

ПретходноИ официјално: Ливерпул го потврди Арне Слот за нов тренер
СледноШокантно: Луис Енрике му спрема “шут-карта“ на Дембеле?!