Срѓан Захариевски, стратегот на Воска Спорт досега како тренер има еден пораз во финалињата, но како играч го има освоено овој трофеј. Секако дека голем успех направи Воска Спорт со самото влегување во финалето, а посебно дека се избори за директен опстанок во ПМФЛ.
Според Захариевски ова финале ќе биде интересно и неизвесно:
„За разлика од Тиквеш кој е клуб со голема традиција, Воска Спорт е многу млад клуб. Сепак и ние си имаме свои амбиции, тоа е јасно. За нас како клуб ова е голем успех. Се среќаваат две екипи кои посебно во пролетниот дел покажаа дека се во голема форма. Тиквеш е хит на сезоната, јас го респектирам силно тимот од Кавадарци, но како што реков и ние си имаме свои квалитети и се надеваме дека пехарот ќе биде во нашите витрини. Очекувам отворен меч, интересно и квалитетно финале, секако и наш триумф“.
За тоа како да се игра кога клубот нема искуство од вакви натпревари:
“Јасно е дека и за нас и за Тиквеш ова ќе биде историски меч, посебно ако се знае дека победникот ќе игра во Европа. Тактички добро сме подготвени, притисокот е тука, но на вакви мечеви може да реш грешка, еден потег на било кој играч. Воска Спорт ќе игра отворено, на гол повеќе. Што се однесува до премијата и ние ја знаеме. Имавме состанок со газдата и јас сум изненаде од висината на таа премија, но сега тоа и кај нас е во втор план. Мислите ни се само кон утрешниот меч“ посочи Захариевски.