МЗТ Скопје повторно славеше во пресметката со Пелистер, овој пат со 80-75 и се најде на победа до одбрана на титулата. Актуелниот првак имаше лош старт, но успеа да се врати во мечот. На другата страна битолчани повторно не ги искористија своите шанси за да направат брејк. Финалната серија се сели во Битола.
Танасковиќ со дабл-дабл од 16 поени и 12 скока беше прво име кај победникот, 15 поени имаше Делалиќ, додека 13 Дамјан. На другата страна Костоски запиша 17 поени и 7 скока, по 14 поени имаа Маслинко и Најт.
Битолчани силно влегоа на овој дуел, на двапати во првата четвртина имаа позитива од плус 14 (6-20 и 8-22). Токму по последната двоцифрена негатива, МЗТ Скопје успеа со две серии да се врати во мечот, со 11-0 дојде на 19-22, а нешто подоцна со нови 12-2 дојде до водство од 31-30. И не застана тука, нешто подоцна со шест поени во низа поведе со 46-39. На одморот резултатот беше 46-43.
Во третата четвртина, кошаркарите на МЗТ Скопје направија нова серија со 10-0 и дојде на плус десет (58-48) во 24 минута. Дамјан со тројка зголеми на нови двоцифрени 63-53, Робев направи фаул во напад, домашниот тим не искористи шанса да ја зголеми оваа предност. Најт со четири поени успеа да доближи на 65-57, на другата страна МЗТ Скопје пак не се снајде по техничката грешка на Планиниќ. Во последните десет минути двата тима влегоа со резултат 68-59.
После три минути, избраниците на Васко Атанасов ги постигнаа првите поени, тоа го стори Дамјан, даде тројка за 71-63. По тројката на Петков за 74-65, МЗТ не искористи напад за да дојде до двоцифрено водство. Пелистер не доволуваше на противникот лесно да воспостави контрола на мечот, дојде на 76-73 на 3:30 минути до крајот, откако противникот влезе во серија на грешки. Битолчани сепак погрешија, па Танасковиќ и Дамјан зголемија на 80-73. По двата поени на Најт за 80-75, Делалиќ не погоди од линијата за слободни фрлања, Пелистер не реализираше за драма.
На втората средба која се играше во ист термин, но за третото место, Работнички повторно го совлада ТФТ со 68-96 и се најде на победа до печат на оваа позиција на крајот на сезоната која носи место во АБА2-лига.