Ѓорѓи Мојсов (Тиквеш): Не криеме, сакаме пехарот да го донесеме во Кавадарци!

673

Стратегот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов во пресрет на утрешното големо финале во Купот на Македонија, во кое се среќаваат Тиквеш и Воска Спорт, на денешниот прес покрај другото истакна дека тој е оптимист. Исто така дека го респектира ривалот, но верува во својот тим:

Секако историско финале. Тиквеш како клуб има голема традиција во мак – фудбалот, но ова за нас е прво финале. Да не бидеме нескромни, но ние не криеме дека сакаме пехарот да го донесеме во Кавадарци. Посакуваме победа, се надевам на триумф после 90 или 120 минути, не би сакал да има пенали. Респект за Воска и колегата Захариевски, според мене тој е еден од најдобрите тренери во Македонија“.

Ова за него ќе биде прво финале како тренер:

Штом дојдовме до тука се надевам дека уште еднаш ќе го подигнам пехарот. Тоа го направив како играч на Работнички во 2009 година, се надевам дека сега ќе го сторам и како тренер. Според мене ќе победи онаа екипа која помалку ќе греши, инаку играчите и на двете екипи се екстра мотивирани, тука нема збор. Да, имаме премија, ја знаеме, но тоа сега е во втор план. Зарем има поголема премија да со своите кавадарчани го прославиш евентуалниот успех и излезеш во Европа?“ заврши стратегот на Тиквеш.

ПретходноГатузо ја напушта Европа, се сели во Саудиска Арабија
СледноСрѓан Захариевски (Воска Спорт): Очекувам отворен меч, интересно и квалитетно финале, секако и наш триумф!