Како што се наведува во соопштението на италијанскиот прволигаш Каљари, искусниот италијански фудбалски стратег Клаудио Раниери на крајот на сезоната ќе го напушти клубот, а со тоа и фудбалот.
На 72-годишна возраст (73 во октомври) Раниери вели дека е време да се повлече од фудбалот. Тој завршува со тренерската кариера по 38-годишна работа, која ја почна веднаш по завршувањето на играчката кариера.
„Господинот Раниери се збогува со Каљари. Во неговите две искуства со клубот секогаш успеваше да го води тимот до постигнување на крајната цел. Веќе е автор на две промоции во минатото (од Ц до А) и изборување на опстанок во елитата. Во последните година и пол постигна уште едно ремек дело со победата во плеј-офот и останувањето во Серија А. Каљари е и секогаш ќе биде вашиот дом, секогаш благодарни, господине…“, напишаа од Каљари.
Раниери како тренер почна со Вигор Ламеција во 1986 година и продолжи со Путеолана и Каљари меѓу 1988 и 1991 година. Потоа работеше и со Наполи, Фиорентина, Валенсија, Атлетико Мадрид, Челзи, Парма, Јувентус, Рома и Интер до 2012. Потоа беше и во Монако до 2014 година.
Неговото време во Лестер беше незаборавно, тим со кој ја освои историската титула во Премиер лига во 2016 година, а потоа продолжи во Нант, Фулам, Рома, Сампдорија, Вотворд и на крајот Каљари. Една година работеше и како селектор на Грција, но никогаш не доби шанса да биде селектор на Италија.