Ова 31.финале во Купот на Македонија по многу нешта ќе биде и единствено, историско. Имено за првпат на завршниот натпревар се пласираа екипи кои досега никогаш не се нашле таму, за првпат и Тиквеш и Воска Спорт преку овој натпревар ќе имаат шанса да излезат и во Европа, тука мислиме на победникот.
За вечерва од 19 часот, на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје е закажано големото финале во Купот на Македонија, тоа ќе биде уште еден спектакл, уште еден голем натпревар во мак – фудбалот.
Како и секогаш, така и сега се очекува овој голем меч да биде фудбалски празник. Финалето на Купот е нешто посебно, битката за пехарот несомнено е дека ќе биде спектакл.
Тиквеш и Воска Спорт апсолутно заслужено се најдоа во финалето. Со своите настапи во досегашниот дел од ова натпреварување покажаа најмногу, ги минаа сите пречки, покажаа квалитет и сега ќе бијат битка за пехарот, но и за пласман во Европа, поточно во квалификациите во Лигата на Конференции.
Историјата покажува дека во финалните мечеви нема фаворити и нема аутсајдери. Тоа се тие 90 или 120 минути, па и пенал – серии, во кои треба да го покажеш тоа најмногу што го знаеш, да го “извадиш“ од себе најдоброто во тој момент. Нема поправен, нема реприза, нема втора шанса. Вакви мечеви се играат ретко во своите кариери и затоа мораш сега, веднаш, тука, да бидеш најдобар.
Исто така историјата, поточно традицијата кажува кога станува збор за финалињата во Купот на Македонија дека на последните шест средби или четири во низа, се изведувале пенал – серии и така сме го добивале победникот. Значи било супер интересно, било возбудливо, докрај неизвесно. Не се сомневаме дека така ќе биде и овојпат, квалитетот на Тиквеш и Воска Спорт, екипи кои во пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ и тоа како ги искажаа сите свои квалитети, го гарантира тоа.
Тренерите Ѓорѓи Мојсов и Срѓан Захариевски имаат во своите тимови адути во кои се надеваат дека ќе го добијат овој историски меч за Тиквеш и Воска Спорт.
Останува да видиме дали пехарот од Скопје ќе замине во Кавадарци или Охрид. И двата града досега немаат пехар во фудбалот, токму затоа радоста и славјето по мечот, на еден од нив, ќе биде голема и историска како што веќе во повеќе наврати нагласивме.