Лани во Кавадарци со триумфот над Скопје нашиот најтрофеен клуб се врати во елитата, а сега во Струмица против Детонит во бараж мечот ќе се обиде да избори опстанок во ПМФЛ.
Вардар – Детонит е дуелот кој ќе го даде одговорот на прашањето кој од овие две екипи во следната сезона 2024/25 ќе игра во нашата елитна лига.
Според сите параметри, квалитет и секако амбиции, Вардар е голем фаворит.
За “СпортСпорт“ свој коментар пред утрешниот меч на сезоната дава искусниот офанзивен десен бек на Вардар, Владица Брдаровски:
„Да, точно е тоа дека сме фаворити, тука нема дилеми. Сепак, не смееме да заборавиме дека Детонит има добра екипа, има свои амбиции и сезоната во ВМФЛ ја заврши како трет. Секако дека Вардар нема да го потцени својот противник утре во Струмица, уште од првата минута ќе тргнеме силно со цел да победиме и да избориме опстанок. Сакаме победа и ништо друго. Секако дека сакаме да ги израдуваме нашите фанови кои утре ќе дојдат во голем број да не бодрат“ заврши Брдаровски.