Денеска сите погледи на светскиот фудбал се свртени кон “Вембли“ во Лондон во очекување на спектакл. И не може поинаку ако во најважниот меч во годината во Англија, во финалето на ФА Купот од 16 часот се среќаваат градските ривали Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, и тоа вторпат во низа. Лани четата на Пеп Гвардиола победи со 2:1 и освои “триплета“. Се разбира дека Сити е голем фаворит, има подобар тим, подобар стратег, но сепак Манчестер Јунајтед не може да се отпише предвреме.
Обременет со ужасна сезона, обременет со фактот дека веројатно ова ќе му биде последен меч како менаџер на клупата на Јунајтед, Ерик Тен Хаг ќе стори се што може да се прости со трофеј. Сепак, не се прашува тој, се прашува Пеп и неговиот шампионски тим кој е “гладен“ за успеси и нови трофеи.
По малку овој меч е и историски. Имено од 1884/85 за првпат овие градски ривали ќе се сретнат во финалето двапати по ред. Во случај на пораз Јунајтед нема да игра во Европа, и тоа ќе биде најлоша сезона од 1989/90.
Токму затоа ова финале многу повеќе носи за Јунајтед, но Сити јасно е дека ако веќе не е во финалето во ЛШ ќе сака барем сезоната да ја заврши со два трофеи, како првак во ПЛ и како победник во ФА Купот. Тоа е тим кој на последните 35 натпревари во сите натпреварувања има 29 победи, пет ремија и само еден пораз.
Тоа е тој страшен Сити.