Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар е на чекор до титулата на Џиро д’Италија, по денешната победа во претпоследната 20. етапа. Погачар ја заврши етапата долга 184 километри од Алпаго до Басано дел Грапо за четири часа, 58 минути и 23 секунди.
Тоа беше негова шеста етапна победа од вкупно 20 на овогодинешното Џиро и останува да ја заврши последната церемонијална етапа во Рим во недела за голем триумф.
Второто место во претпоследната фаза го зазеде Французинот Валентен Паре-Пантре со 2:07 минути заостанување, што беше исто колку и третопласираниот Колумбиец Данијел Мартинез.
Во генералниот поредок, возачот на тимот од Емирати има 9:56 минути предност пред Мартинез и 10:24 минути пред третопласираниот Британец Герајнт Томас. Последната етапа е долга 125 километри и се вози околу Рим во недела, а целта е во близина на познатиот Колосеум.