Ги имавме Белгијците на поен за победа, но на крајот пораз во пет сета

197

Македонската одбојкарска репрезентација претрпе минимален пораз во пет сета на вториот меч на турнирот во Беверен од Златната лига 20224. Денеска момците на Хари Наковски имаа голема шанса за победа, но во клучниот тај-брејк сет пропуштија предност од три поени, па потоа не реализираа и прва меч-топка, за на крајот Белгија со пресврт да дојде до триумф. Во четвртиот меч од лигата, за Македонија ова е веќе трет пораз.

БЕЛГИЈА – МАКЕДОНИЈА   3:2 (25:22, 22:25, 25:17, 24:26, 17:15)

Белгија двапати водеше, а ние двапати успевавме да се вратиме за израмнување и да се избориме за петти сет. Во првиот сет домашните тргнаа со мининамлна предност, која до средината на сетот дојде и до плус четири, па се чини дека тоа беше и клучно за завршницата на сетот кој Белгија го доби со 25:22.

Ние во вториот сет влеговме многу посигурно. Предводени од одлично расположениот капитен Ѓоргиев кој со 11 поени беше лидер во нашиот тим во првиот сет кој успеавме да го освоиме со 25:22 и да израмниме на 1:1.

Третиот сет донесе слаба одбојка од наша страна и брзо затворање на сетот од страна на Белгијците. Конечните 25:17 им донесоа водство од 2:1 на домашните.

Сепак, ние не се предадовме и одигравме неверојатно во завршницата на четвртиот сет. Белгија беше континуирано во предност, дури влезе со 24:22 на прва сет-меч топка, но потоа дојде фантастичната серија од 4:0 за нашите одбојкари кои успеаја да дојдат до 26:24 и да израмнат на 2:2.

Решавачкиот петти тај-брејк сет за нас тргна одлично. Поведовме со 3:7 и најавивме атак на победа. Белгија успеа да се врати на минус два (6:8, 9:11) и да потврди дека сетот не е загубен. Ние се одлепивме на 9:12, но следуваше фантастична серија на домашните за израмување – 12:12. Иако први дојдовме до сет-меч топка (13:14) не успеавме да се одбраниме и сетот отиде на разлика. Белгијците тоа го искористија и во првата шанса кога направија предност дојдоа до меч-топка и победа со 17:15.

Никола Ѓоргиев со 28 поени беше најдобар реализатор и на овој меч во нашиот тим, а одличен придонес имаа и Савовски со 10, Илиев 9, како и Милев и Маџунков кој реализираа по 8 поени. Кај Белгија едноставно незадржилив беше Регерс со 31 поен, додека 25 поени имаше и зад името на Роти.

Следниот викенд одиме во Хрватска, каде во Осијек не чекаат нови два меча од лига-делот против Хрватска и селекцијата на Шпанија.

Standings provided by Sofascore

 

ПретходноДимитријевиќ одличен, Уникс поразен во драматичен финиш од ЦСКА Москва!
СледноСпектакл во Струмица: Вардар убедлив, на полувреме води со 2:0!