✍ Марија Ковачева
Во македонската кошарка нема ништо ново. И по оваа сезона во мода е сино-белата боја, бијдеќи МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата, во витрините на тимот од Аеродром стигна 11 -та титула, освоена во 12. сезони.
Колку шампионскиот менталитет и магија се длабоко вградени во овој тим, говори фактот што одбраната на тронот ја завршија со перфектна серија од девет победи. Тргнаа од Гостивар преку ТФТ и на крајот го отсликаа минатогодишното финале, недозволувајќи им на битолчани барем во еден момент да се понадеваат на можен пресврт.
МЗТ Скопје и по оваа сезона останува пример за останатите тимови во домашниот шампионат каде дефинитивно засега нема јунак кој може да го симне од тронот.
Што овој тим го прави поразличен?
На прво место се Војдан и Дамјан Стојановски. Браќата близнаци се уникатно богатство, тоа го видовме безброј пати и оваа сезона, но и претходно. Шампионски менталитет, искуство, неверојатен мотив и пожртвуваност, се само дел од карактерот на овој братски тандем кој секогаш дава посебна димензија на кошарката, во домашниот шампионат и во репрезентативниот дрес. Се надополнуваат на теренот, созадаваат соврешна енергија и ја враќаат вербата во целиот тим, тешките моменти магично ги претвараат во победи. Но, сето ова не е случјано, од почетокот на нивните кариери беа упорни, апсорбираа се што е потребно за да се изградат во она што се денеска.
Овој тандем е надполнет со други македонски кошаркари, кои исто така го имаат шампионското во себе. Тука е Бојан Крстевски, важна алка во пренесување на мисијата и визијата на тимот, искуство кое е важно за МЗТ Скопје. Дамјан Робев, исто е еден од оние играчи кој го најде своето место во својот состав, а за пофалба е Марин Петков.
Овој млад кошаркар ја доби потребната доверба од страна на младиот стратег, Васко Атанасов, кој најдобро знае колку е важно некој да ти даде „одврзани раце“, да те охрабри да водиш големи битки на теренот. Петков заедно со овој тим растеше сезонава, од домашните мечеви до натпреварите во АБА2-лигата. На клупата на МЗТ Скопје ги има Миловановиќ и Андоновски, можеби немаа главни улоги во финалето, но и тие се дел од оваа успешна приказна, заедно со странските имиња кои исто така се вклопија во мисијата и името на МЗТ Скопје.
Тимот од Аеродром и оваа сезона успеа да остане на нозе, можеби не можеше да се пофали голем буџет, но ја задржа шампионската формула, скромно врвеше низ тешките и убавите денови, додека некои освен јавно фалање за финансиската состојба останаа со празни раце.
За титулата треба многу повеќе – тоа го знаат засега само во МЗТ Скопје.