Попладнево во Струмица во бараж мечот за ПМФЛ, Вардар во најважниот меч сезонава, со 2:0 успеа да го победи Детонит и со тоа да се избори за учество во нашата елитна лига во сезоната 2024/25. Стрелци на головите беа Ѓуриќ и Шушњара.
Секако дека ова е успех за Вардар, посебно ако се знае како се одвиваше целата сезона во ПМФЛ и како Вардар дојде до тоа место кое води во баражот.
Пред полни трибини на стадионот “Благој Истатов“ во Струмица, пред фанови и на двете екипи, Вардар беше подобар во однос на тимот од Радовиш кој колку и да се трудеше сепак не можеше да се носи со поквалитетниот противник.
Откако во првиот дел не беа релизирани неколку шанси, а посебно оние на Омерагиќ, Бришки и Мујезиновиќ, дојде таа 42.минута кога Ѓуриќ убаво се снајде пред голот на радовишани и му донесе водство на Вардар од 1:0.
Се играше 45+1.минута кога сите помислија дека со тие 1:0 ќе се оди на пауза, така не мислеше Шушњара со прекрасен гол од далечина успеа да го удвои водството на 2:0.
Во второто полувреме очекувано Вардар како да го намали темпото, немаше ни потреба, по што противникот почна да напаѓа, но Вардар бепе тој што ги контролираше настаните на теренот. Едноставно тимот на Горазд Михаилов знаеше што треба.
Сепак Детонит имаше шанси, прво се закани Настевски во 64.минута, а потоа и Мичковски, но резултатот и натаму остана 2:0 за Вардар.
На крајот се покажа дека тие 2:0 и се конечни на овој бараж меч по што можеше да почне славјет на вардарците и неговите фанови.