Кукриќ: Неопходна е мотивација на тренерите, како преку тешки услови да дојдат до добри резултати

104

Како своевидно продолжение во едукацијата на тренерите за физичка и кондициска подготовка, Македонската кошаркарска федерација организираше уште еден мини-тренерски семинар.

По втор пат за кратко време, во улога на гостин-предавач беше професор Александар Кукриќ, човекот кој претходно беше задолжен за кондициската подготвеност на нашиот сениорски национален тим, а сега работи со групата на најталентирани млади кошаркари во Македонија:

„Во рамките на продолжението на проектот „Подршка на развојот на младите кошаркари во националните селекции на Македонија“, одлучив да презентирам тема која е од особено значење, како за младите спортисти, така и за сениорските играчи.

Темата под наслов ‘Мезоциклус во подготвителниот и натпреварувачкиот период на кошаркарите’, го опишува процесот на периодизација како клучен концепт во спортскиот тренинг, кој се однесува на систематско планирање и програмирање на тренингот заради постигнување на одредени спортски цели.

Главната цел на периодизацијата е оптимизацијата на перформансите на спортистите низ постепено манипулирање на интензитетот, волуменот на тренинзите, и други фактори за време на различни фази од тренингот.

Во последните декади, напредокот во науката за спортот и за тренингот донесе до развој на нови пристапи на периодизација. Овие пристапи им овозможуваат на тренерите поголема флексибилност и прилагодливост во планирањето на тренингот, што може да биде корисно во сложени спортски опкруженија.

Намерата ми беше да ги претставам современите пристапи на периодизацијата во спортот, и да направам паралела помеѓу теоријата и практиката.

Тренерите се сложуваат дека периодизацијата на тренажниот процес е еден од клучните фактори во успехот. Затоа е неопходно да се промовираат нови сознанија и да се мотивираат тренерите во тешки услови за работа да пронајдат најдобар пат до добри резултати“, потенцираше Кукриќ на предавањето пред македонските тренери и стручни лица од областа на спортската кондициска подготовка.

Искусниот стручњак ги кажува и насоките на оваа тренерска едукација:

„Оваа едукација ќе им помогне на тренерите да ги структуираат тренинзите во различни фази или циклуси, каде секоја фаза ќе ги дефинира специфичните цели, и ќе се фокузира на одредени аспекти на спортските перформанси. На тој начин, со промена на оптоварувањето со текот на времето, на спортистите ќе им овозможиме потребно време за опоравување, и да ги намалиме ризиците од преоптоварување.

Манипулацијата на тренингот во текот на различни фази од периодизацијата овозможува спортистите да постигнат врвни перформанси во одреден временски период. Се надевам дека презентацијата ги оправда очекувањата на тренерите, и дека информациите кои ги добија ќе бидат од корист во нивната понатамошна работа“.

Професорот Кукриќ ја потенцираше и онаа вистинска поддршка од Македонската кошаркарска федерација, и препознавањето на важност на овој сегмент – развојот на кошарката во Македонија.

„Уште еднаш би му се заблагодарил на претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Перо Антиќ, на укажаната доверба и намерата со вакви акции да помогне во развојот на кошарката во Македонија

Ова е само една од низата акции кои ги споведовме во изминатиот период. Едукацијата е клучна за развој и напредок во спортот, како за поединци, така и за целата спортска заедница. Затоа е важно да се вложува во едукацијата на спортистите, на тренерите, спортските стручњаци, и другите учесници во спортот, како би се осигурал континуиран напредок и постигнување на врвни резултати. А овие акции потврдуваат дека луѓето во вашата федерација ја препознале важноста на едукацијата во спортот“ – дополнува Кукриќ по презентираното на собирот во СРЦ „Кале“ во Скопје.

ПретходноПОШИРОК СПИСОК НА КОШАРКАРИ ПОВИКАНИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ДО 20 ГОДИНИ
СледноИзрешетан автомобилот на спортскиот директор на Осијек