ПСЖ нуди 100 милиони евра за ѕвездата на Наполи

104

ПСЖ летово тргнува во голема офанзива на пазарот. Килијан Мбапе го напушти клубот и сега почнуваат да градат нов тим кој треба да конкурира за најголемите цели, а тоа секако е освојување на Лигата на шампионите со која челниците на парискиот клуб се опседнати со години. Не успеаја да го освојат најголемото клупско натпреварување и покрај тоа што за нив играа ѕвезди како Нејмар и Лионел Меси, па сега се насочуваат кон малку поинаков начин на размислување.

Во последниве месеци, раководството на клубот јасно стави до знаење дека ПСЖ се повеќе ќе се потпира на својата фудбалска школа и дека тимот повеќе нема да биде исполнет со други ѕвезди освен оние за кои проценуваат дека можат да донесат долгорочна корист за клубот. Еден од тие играчи е Хвича Кварацхелија, одличен грузиски офанзивец кој настапува за Наполи. Италијанскиот новинар и познат трансфер инсајдер Џанлука Ди Марцио објави дека ПСЖ понудил 100 милиони евра.

Наполи можеше да заработи речиси десет пати повеќе отколку што плати за Грузиецот
Веста ја потврди неговиот агент Мамука Југелим, во интервју за грузиското издание на „La Gazzetta dello Sport“: „Интересот од Саудиска Арабија не е вистинит. Сепак, точно е дека има интерес од ПСЖ, дури и понуда, но се зависи од одлуката на Наполи и претседателот на клубот“.

Грузискиот напаѓач дојде во Наполи во летото 2022 година во трансфер вреден 13,3 милиони евра и веднаш се наметна како еден од најдобрите играчи во Серија А, водејќи го Наполи до историска титула по 33 години чекање. Досега за Наполи има 88 настапи на кои постигна 25 гола и додаде 26 асистенции, а со Грузија се пласираше на првото големо натпреварување во историјата и ќе игра на ЕП во Германија.

ПретходноОколу 5.000 грчки полицајци ќе го обезбедуваат финалето на ЛК
СледноДарко Тасевски во стручниот штаб на Левски Софија!