Вечерва од 21 часот на стадионот на АЕК во Атина, ќе се одигра финалето во Лигата на Конференции, третото по ранг клупско натпреварување на УЕФА. Силите ќе ги одмерат домашниот состав на Олимпијакос и Фиорентина, тим кој што лани загуби во финалето од Вест Хем.
Иако се игра на стадионот на својот голем ривал, ова е историска шанса за Олимпијакос да дојде до својата прва европска круна, и да биде прв грчки тим со таков трофеј. Секако дека ќе “гори“ во Атина, фановите на тимот од Пиреја, предградие на Атина ќе бидат во голем број и ќе му дадат поддршка на својот омилен тим.
Што се однесува до Фиорентина по се она што лани му се случи на овој тим секако дека мотивите се уште поголеми. Инаку ова за клубот од Фиренца е вкупно шесто клупско финале во натпреварувањата ба УЕФА.
Иако ова натпреварување на стартот и не е којзнае колку пожелно од клубовите, сепак да се има пехар во своите витрини и не е така мала работа, посебно за клубови како Олимпијакос и Фиорентина.