Одличен меч во Осијек и тесен пораз во пет сета од Хрватска

196

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија одигра одличен меч во Осијек против Хрватска, но иако имаше реални шанси за победа, на крајот загуби во пет сета. Хрватите поведоа, но ние успеавме да направиме пресврт за 2:1. но во одлучувачките два сета домашната селекција ја искористи шансата и не ни дозволи да им го нанесеме првиот пораз.

МАКЕДОНИЈА – ХРВАТСКА    2:3 (31-33, 25-17, 29-27, 21-25, 12-15)

Во текот на целиот меч вечерва Македонија и Хрватска играа на поен повеќе. така беше уште од првите поени на првиот сет, кога Хрватите се обидоа да направат разлика, но во финишот нашите момци успеаја да се вратат комплетно во сетот и да се изборат за сет на разлика. Хрватите имаа повеќе сет-топки, за конечно да ја искористат онаа за 33:31 и водство од 1:0.

Потоа следуваше одлично враќање на момците на Наковски. Одличен втор сет во кој Хрватска практично ја оставивме без одговор за нашата одлична игра во напад и со 25:17 успеавме да возвратиме за израмнување на 1:1.

Вистинска драма донесе третиот сет. Ние тргнавме подобро, успевавме да го контролираме резултатот, но Хрватска во завршницата успеа да не стигне. И овој, како и првиот сет, отиде на разлика, но ние добивме шанса за реализација на 26:25, па иако судиите прво досудија поен за Македонија, потоа ја преправија одлуката и ги вратија во живот домашните. Тоа сепак, не ги поколеба нашите момци кои со 29:27 го добија сетот и поведоа со 2:1.

Хрватите подобро го почнаа четвртиот сет. Имаа предност од неколку поени во текот на целиот сет и со слична предност влегоа и во завршницата. Ние се обидовме да се вратиме во игра, но Хрватска овој пат успешно го затвори сетот со 25:21 за 2:2 и пат во решавачки тај-брејк сет.

Петтиот сет беше во егал до 6:6, а потоа Хрватска тргна со предност од два до три поени. Ние не успеавме да врземе серија и да се приближиме, па Хрватите го искористија тоа и на крајот успеаја да дојдат до освојување на првата меч-топка за 12:15 и победа од 3:2 во сетови.

Најефикасен во нашата селекција беше Никола Ѓоргиев со 35 поени. Савовски имаше 15 поени, додека Владо Милев 12. Утре во истиот термин играме со Шпанија.

ПретходноДумфрис доби казна затоа што носеше постер од Тео Ернандез прикажан како куче на поводник
СледноПоследен обид: Баерн му понуди нов договор на Алфонсо Дејвис