Нашата одбојкарска репрезентација го претрпе и петтиот пораз во натпреварите во Златната лига 2024. Вечерва во последниот меч на турнирот во Осијек, избраниците на селекторот Наковски тргнаа одлично против Шпанија, но на крајот успеаја да освојат само еден сет. Шпанците кои беа фаворити, успеаја да најдат начин во три израмнети сетови на крајот да дојдат до победата.
ШПАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 3:1 (17-25, 25-22, 25-22, 25-22)
Првиот сет на дуелот со Шпанија вечерва, можеби беше и еден од најдобрите кои оваа чета на Хари Наковски ги одигра годинава во Златната лига. Шапнците не успеаја да ни се приближат ниту еден момент, а ние практично и рутински го добивме сетот со 25:17 со одличната игра на Н. Ѓоргиев (7) и Лука Костиќ (4).
И во вториот сет тргнавме добро. Имавме значителна предност (8:5), а кон средината на сетот Шпанија почна да ја намалува разликата (16:15). Ние паднавме на приемот, а Шпанија го искористи тоа за целосен пресврт и освојување на сетот со 25:22 за 1:1.
Ништо поразлично не беше и она што се случуваше во третиот сет. Овој пат Шпанија диктирше темпо и одржуваше предност од неколку поени. Ние се приближивме во самиот финиш на едне поен (19:20), но Шпанците не дозволија да ги изненадиме уште еднаш и со нови 25:22 поведоа со 2:1.
Во четвртиот сет повторно борба до самиот крај. Македонија тргна со предност, па Шпанците се враќаа во неколку наврати. Тие први успеаја да дојдат до сет меч-топка (22:24) и не пропуштија да ја претворат во победа од 3:1.
Никола Ѓоргиев повторно најефикасен во нашиот тим со 29 поени, додека 11 реализираше Милев, а дури тројца одбојкари имаа по 10 поени (Костиќ, Маџунков и Савовски).